Адвокат од Прилеп јавно се повлече од СДСМ

Жарко Стефаноски, адвокат од Прилеп најави повлекување од матичниот комитет на СДСМ во Прилеп поради, како што вели, недостиг на можност за напредување во партиската хиерархија и на волја за соработка и имплементација на нови стратегии.



„ Активностите и политиките на огранокот би требало да бидат рефлексија на генералните политики на партијата, но со оглед на актуелните политички случувања и политички резултати на локално ниво не е случај. Поради погоре наведените причини сметам дека мојот партиски ангажман до денес, освен што е злоупотребен заради исполнување на лични цели на поединци и групи кои егзистираат низ внатрепартиските органи на огранокот, воопшто не е искористен заради реално имплементирање на генералните цели и политики на партијата“, објаснува адвокатот.

Името на Стефановски се споменуваше како еден од можните кандидати на СДСМ за градоначалник на Прилеп, но и како еден од претендентите за нов претседател на прилепскиот огранок на партијата во рамки на „метлата“ што ја најави премиерот Зоран Заев, но не ја доби довербата од партијата.