Шефот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми смета дека претседателот на Собранието Талат Џафери не го прекршил Уставот со тоа што на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан” официјално се обрати на албански јазик.
Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица за ова поднесоа интерпелација за парламентарниот спикер.
Наместо одговор на конкретно новинарско прашање дали ДУИ смета дека Џафери сепак го прекршил Уставот зборувајќи во странство, како официјална личност, на албански јазик, Адеми со контрапрашање:
„Доколку претседателот на Собранието Талат Џафери во странство зборуваше на англиски јазик, дали би го прекршил Уставот? Ако зборуваше на англиски јазик никој ништо овде немаше да каже. Сега, бидејќи зборувал на албански јазик, изгледа како тоа некому тоа да му пречи, а всушност и не му пречи, туку само бара дневно – политички поени”, рече Адеми.







