„Тарифата на платените албански убијци почнува од 5 илјади и 30 илјади долари. За убиствата, за кои е потребен висок професионализам и ги вршат поранешни професионални војници, кои можат да убиваат со снајпер, цената е од 30 илјади до 200 илјади долари. Но, тие во последно време често користат и експлозив да не остане никаква трага на местото на злосторството!“ – изјави д-р Менсут Адеми, експерт за безбедност и предавач по криминалистика во Универзитетскиот ААБ колеџ од Косово, за анализата со наслов „Професорот по криминалистика ги открива деталите за албанските платени убијци, укажува на сумите и начините на убиствата“, која ја објави весникот на албански јазик „Бота сот“ од Приштина, Косово.
Во претходната, прва анализа на оваа тема весникот ја имаше објавено следната изјава на професорот Адеми: „Според податоците на државната полиција на Албанија и од институциите на безбедноста, идентификувани се околу 40-тина Албанци од Косово, Србија, Црна Гора, Албанија и * Македонија, кои работат како изнајмени, платени убијци.“
Во својата втора анализа „Бота сот“ пишува: Убиството на 30-годишната Лиридона Адемај го шокира не само Косово, туку и пошироко. Како осомничен за убиството на Адемај е приведен нејзиниот сопруг Наим Исмајли, кој, според обвинителството, се сомничи дека на Гранит Плава му платил 30 илјади евра, за да го изврши убиството. Ова ја поттикна реакцијата на професорот по криминалистика Менсут Адеми, кој изјави дека во Косово и Албанија се наоѓаат изнајмени, платени убијци.
Цените на убиствата почнуваат од 5 илјади долари и 30 илјади долари. „Албанците од Албанија како изнајмени, платени убијци може да се најдат речиси во секоја земја во светот. Особено се присутни во САД, Европа и во Западниот Балкан. Повеќето платени убијци се шверцери на дрога, но тие вршат и нарачани убиства. Платените убијци може да се категоризираат во две групи: контингент на светот на криминалот со претходни криминални досиеја и поранешни членови на елитните полициски и воени единици.“ – појаснува Адеми.
Колку чинат платените, изнајмени убијци, според Адеми? „Цените почнуваат од 5 илјади и 30 илјади долари. За убиствата, за кои е потребен висок професионализам и што ги вршат поранешни професионални војници, кои можат да убиваат со снајпер, цената е од 30 илјади до 200 илјади долари.“ – посочува овој професор по криминалистика.
Според него, еден од најкористените методи од страна на извршителите на платените убиства е употребата на пиштол со придушувач на звук. „Друг начин на убиство е со снајпер: тоа е совршено убиство Но, ако сакате ништо да не оставите на местото на злосторството, никаква трага, тогаш многу добар е експлозивот. Овој метод на убиства почна да се користи зачестено во последно време.“ – нагласува професорот Адеми.
Каде оперираат платените албански убијци? На ова прашање Менсут Адеми одговара: „Повеќето од албанските убијци се многу успешни во тоа што го прават. Релативно се ретки случаите кога некој е фатен. Ретко ги пропуштаат своите цели и не прават многу грешки. Повеќето професионални убијци во Албанија припаѓаат на семејни кланови, кои се споредливи со италијанската мафија. Тоа не значи дека убиваат само за својот клан. Повеќето од нив можат да бидат изнајмени, за да убијат за потребите на секој, кој е во состојба да ја плати нивната цена. Тие често бидуваат изнајмени да убиваат луѓе во други земји. Имаше случаи кога професионални убијци од Албанија беа вмешани во атентати во Косово, Италија, па дури и во САД.“





