Историчарката Виолета Ачкоска реагира на реафирмацијата на ставот на Бугарска академија на науки (БАН) дека не постои македонски јазик, односно дека тој е дијалект на бугарскиот.
„Убав ни е јазикот македонски. Само да ги слушнете охридските китки на оригинални песни од почетокот на 20 век (ги собирал С. Мокрањац) ќе се стоплите од милина. Незаборавна музика и еден прекрасен архаичен јазик што се зборувал во Охрид. Да не кажувам за бројните македонски дијалекти.
Нека послушаат бугарските академици, кои изгледа имаат проблем со сопствениот јазик и идентитет. Долго време веруваат во перпетум мобиле. Од ништо да создадеш човек, јазик, народ?! Ниту едно дрво не никне на земјава ако нема корен. Македонското милениумско дрво многупати го сечеле, ама коренот е длабок и секогаш по долгата зима доаѓала пролет со нови фиданки. Со нови генерации Македонци.
Жално е што кај нас нема академија од типот на БАН, САНУ, ЈАЗУ итн. Зошто постои МАНУ како институција ако не го брани јазикот, името, идентитетот, историјата. Или нека застане на браникот на Македонија или нека замине во нечија “заедничка историја”. Чест на поединци.
Македонскиот народ постои со свој јазик, традиции и култура, со своја историја. Кој се плаши за сопствениот идентитет или сака да ги прикрие црните дамки од сопственото минато бара ‘заедничка’ историја. Ние Македонците имаме премногу историја. Не ни е потребна туѓа. Македонија на Македонците. Вечна“, порача професорката Ачкоска на Фејсбук.





