Историчарката Виолета Ачкоска со пиетет за ликот и делото на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.



„4 февруари – ДЕН НА РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Посебен нишан имаше звездата што падна од кукушкото небо над домот на Делчеви, на 4 февруари 1872 година, кога се роди првото машко чедо на Султана и Никола. Toa беше ѕвездата што блесна и ја осветлуваше Македонија во најклучните мигови на нејзината борба за автономија. Низ само една деценија револуционерна дејност (1894 – 1903), Гоце Делчев ги сублимира и ги изрази вековните стремежи, борба, недежи, сите завршени и незапочнати битки на својот македонски народ за слобода и државност.

Времето во кое се родил, време кога Македонија била под стегите на султанскиот феудализам, од една, и бунтовниот карактер, од друга страна, ја предодредиле патеката на неговата судбина.

Покрај Гоце, од семејството на Никола и Султана Делчеви, за слободата на Македонија паднаа и двајцата други синови – Мицо и Милан. Сестрата Руша, пак, стана симбол на жена предадена на револуционерното дело, како и мајката Султана. Двете жени на Делчеви, заедно со паднатите јунаци, влегоа во епската историја на Македонија како пример на пожртвуваност и секогаш ќе бидат дел од моралното и патриотското воспитување на младите генерации Македонци.

Ликот и делото на Гоце Делчев беа и останаа светост за секој Македонец и затоа тој има заслужено место во вечната куќа на македонскиот опстој. Неговите коски почиваат во престолнината на слободна Македонија, според заветот што го остави.

Вечна слава!“, напиша професорката на Фејсбук.