„При празнувањето на годинашниве значајни датуми поврзани со градењето на свеста и борбата за создавање на македонската државност беа упатени пораки од политичарите и од власта и опозицијата, во кои носечка поента е повикот за национално обединување, по примерот на оние од клучните моменти во македонската историја. Но, пораките за обединување не можат да звучат искрено и убедливо, кога одамна не се случило политичарите и власта и опозицијата да застанат во една линија за македонската кауза.“ – вели новинарката Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „До независноста стигнавме, до национално обединување сѐ уште – не“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Кога ќе ги водиме секојдневните битки во животот заедно, сплотени и единствени, со иста цел?
Покрај другото, во анализата пишува: „Во последниве години на секое празнување на националните празници се надоврзуваат и расправи за историјата. Тие преминуваат во гласен став, што наведува на преиспитување на идентитетот, кој никако не смее да се доведува во прашање. Но самото јавно искажување на овие теми создава трауматско доживување на националните празници, како тестирање на национално-идентитетската психологија. Можеби како придобивка од овие ‘тестирања’ е зацврстувањето на идентитетската свест на македонскиот народ. Пораките за обединување и надминување на поделбите не можат да звучат искрено и убедливо, штом одамна не се случило политичарите во Македонија да застанат во една линија, и власт и опозиција, и да покажат дека барем за тој еден празничен ден успеваат да ги надраснат политичките разлики, во име на тој заеднички национален интерес.“ – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.
Апсурд: Неказнивоста за криминалот е обединувачки елемент за политичарите!?
Колку е реално да се очекува дека може да се обедини длабоко поделеното македонско општество? Што би можело да ги сплоти македонските граѓани?
„Празничните пораки и честитки, што ги упатуваат политичарите во Македонија, се веќе слушнати поенти, кои не се промислени, ниту реални. Ако им обрне внимание, ќе останеме зачудени: кому, на кој народ, на кои граѓани им се обраќаат македонските политичари? Многу често одлукитe, кои ги донесуваат политичарите на власт, се во спротивност со празничните пораки што ги упатуваат. Toa создава сомнеж за нивно двојно политичко однесување и недоверба кај граѓаните. Политичарите ги ‘обединуваат’ криминалот и корупцијата, односно постигнувањето неказнивост за нивно практикување.“ – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.





