А1он: Кумовски односи на судијата и вештакот Грчев во ТНТ ја нишаат пресудата

Кумовски врски. Вакви се односите помеѓу судијата Огнен Ставрев и вештакот Мирослав Грчев. Двајцата со своја улога во предметот ТНТ за уривањето на објектот „Космос“. Кумовските врски станале официјални еден месец откако Ставрев изрече затворски казни во предметот ТНТ. Грчев го изработи клучното вештачење со кое се докажуваше дека објектот „Космос“ не е дивоградба и со кое се побија 36 судски пресуди. Ставрев го прифати вештачењето како релевантно и го ценеше во пресудата иако имаше низа забелешки од обвинетите, меѓу кои и дека Грчев е пристрасен бидејќи претходно работел вештачења за оштетените Цаноски. Блиските релации ги потврдува и судијата Ставрев за „А1он“ по што се правда дека немало зошто да се изземе. По неколку реченици во одговорот, го оценува вештакот, кој му е кумашин, како професионалец.



„Какви било роднински врски на судијата со вештото лице не се основ за изземање член на судечки совет, со оглед да ниту судијата ниту вештото лице не се странки во постапката. Донесената пресуда не се заснова само на конкретното вештачење, туку на сите изведени материјални и вербални докази во постапката. Станува збор за вешто лице – професионалец во конкретна област, кој постапува по наредба за изработка на вешт наод и мислење, кој потоа се изведува како доказ и кој странките имаат право да го оспоруваат. Но, во никој случај тоа не може да влијае во непристрасноста и независноста во одлучувањето на судијата и судијата нема никаков личен интерес од вештиот наод“, посочува судијата Ставрев за „А1он“.

Судијата Ставрев ја правда одлуката што во пресудата со која досуди затворски казни се повикува на вештачењето од Грчев со кого е во фамилијарни односи.

„Професорот Грчев е единствен лиценциран вештак во нашата држава за ваков тип вешти наоди и од тој поглед единствено тој можел да го вештачи конкретниот предмет. Изземањето судија од конкретна постапка, според законските одредби, но и праксата на Европскиот суд за човекови права, се бара доколку тој е во евентуална роднинска или друга врска со странките во постапката, како обвинетиот, оштетениот или приватниот тужител или, пак, нивните бранители, што може да отвори сомнеж за наклонетост при одлучувањето“, додава судијата.

Судијата Ставрев тврди дека не може да постои сомнеж за негова наклонетост. Истовремено, во пресудата му дава верба само на вештачењето направено од Грчев, кој е урбанист. Иако вештакот бил побиван од вештаци геодети, кои се единствени надлежни за мерење коти, Ставрев останал на ставот дека ќе му верува само на кумашниот, односно на вештакот Грчев, чиј наод бил оспорен со три геодетски мерења направени од разни фирми.

Целата анализа на следниот линк: