Општина Велес лани исплатила 95.000 евра оштета на граѓани каснати од кучиња што е рекордна исплата од Буџетот на општината по овој основ, односно 20.000 евра повеќе од 2021 година.



Во 2022 година биле каснати 71 лице во Велес или во просек општината на секој граѓанин му платила близу 1.400 евра оштета по основ на спогодба или по основ на загубена тужба.

Дел од советниците во општината, организации за заштита на животните, но и обичните граѓани од Велес се сомневаат во организирана спрега за правење профит, наводно се вклучени граѓани, адвокати, лекари, но и вработени во Општина Велес, дознава А1.ОН.

На адреса на општината секојдневно пристигнуваат тужби од граѓани кои се каснати од кучиња и тоа е поткрепено со медицинска документација и пријава од МВР како докази кои најчесто се доволни за судска пресуда во корист на граѓаните.

Овие граѓани ги застапуваат исти адвокати, а простор за сомнеж има и во делот на собирање на мединските докази затоа што се случува истовремено доктор од Општа болница Велес кој го прегледал лицето каснато од куче и дал лекарско уверение да го прави и наодот од вештачење.

Некои граѓани и неколку пати пријавуваат каснување. Некои пак, намерно ги тепаат со цел кучињата да станат агресивни, а некои сами си прават повреди кои потоа ниту лекар не може да докаже дека се од каснување на куче. Но, ова никој не може да го направи ако нема адвокат кој ќе го поттикне и лекар кој ќе им помогне за лекарско уверение – велат извори на „А1он“.