Aдвокатката Јошевска бара да нема јавно жигосување на правниците

По вчерашната одлука на Апелација со која Васил Јованов доби 3 години и 10 месеци затвор, односно откако се дозна дека тој суд уште во средата му ја сменил казната со која беше испратен во поправен дом и одлучил за трговија дрога тој да одлежи 46 месеци во затвор, а ја објави во текот на вчерашниот ден, не стивнуваат реакциите.
Се огласи адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.
„Право наспроти правда.
Во идеален свет, правото е создадено за да донесе и осигура правда. Правото, просто кажано, е сет на правила на однесување, а правдата е концепт, морален компас за фер третман.
Случајот на Фросина е пример за расчекорот меѓу правото и правдата.
Секој човек има вродено чувство за правда, па ништо специјално или ексклузиво не чувствувате кога барате правда за прерано и банално одземен млад човечки живот.
Правото, или неговата примена, од друга страна, е тешкиот концепт, затоа што правото почива на утврдување објективни и генерални правила и принципи, а се отелотворува во секој случај посебно, идеално, врз непристрасна основа, иако во правото не постојат идеални, лабораториски услови бидејќи човекот е општествено битие.
Васил не се провлекувал со корупција или влијанија низ системот, Васил влегол во расчекорот меѓу правото и правдата. Нема потреба од јавно жигосување на правниците кои го бранеле или бранат правото и примената на правото, само затоа што не одговараат на општонародното поимање на правдата, и тоа пост фестум. Правниците (судии, обвинители, адвокати, професори) даваат објективни и точни проценки и мислења ВРЗ БАЗА НА ПРАВОТО. Претходните постапки на судовите и обвинителството се “добро утро, добар ден” во праксата и се спроведени ВРЗ БАЗА НА ПРАВОТО.
Последната одлука на Апелациониот суд Скопје е реакција на барањето за правда, не е примена на право.



Каков став да се заземе во вакви услови, а да се биде фер? Кога јас се соочувам со оваа дилема секогаш ја решавам на идентичен начин- не гледај и не слушај надвор од доказите. Остави ги перцепрциите, мислењата и осудите во другиот фолдер. Бидејќи правдата мора да се изроди од правото, колку и тоа несовршено да изгледа некогаш“, пишува Јошевска.