Еден ден учениците во Македонија ќе учат за 30 септември 2018 година како за еден од најсветлите датуми во современата македонска историја, рамен безмалку на 8 септември 1991 година. Ако на референдумот пред 28 години огромното мнозинство од Македонците гласаа за самостојна и суверена држава Македонија, лани на денешен ден ја потврдија таа одлука со масовниот бојкот на плебисцитот за Преспански договор за „Северна“.
Во предвечерието на распадот на Југославија три четвртини (75,72 проценти) од избирачите во Македонија излегоа да гласаат за независност, а од нив 96,46 отсто гласаа „за“. Пред една година, пак, речиси две третини (63,09 проценти) од гласачите одбија да се изјаснат за прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Токму поради неисполнетиот цензус – 50 отсто од запишаните во избирачкиот список плус еден глас – ланскиот референдум и официјално е прогласен за неуспешен. И притоа е апсолутно ирелевантно што 94,18 проценти од излезените 36,91 отсто граѓани со право на глас одговориле со „да“. Исто како што нема никаква важност тоа што на пропаднатиот референдум од 2004 година против новата територијална поделба се изјаснија 95,06 проценти излезени гласачи, бидејќи излезеноста беше недоволни 26,58 отсто.
Последниот референдум во Република Македонија има можеби и поголема специфична тежина од првиот. Ако пред речиси три децении македонските граѓани ја имаа поддршката од меѓународните фактори слободно да го изберат патот на својата држава, овојпат токму тие сторија сè за да го аминуваат катастрофалниот договор од Нивици. На тешката артилерија олицетворена во Меркел, Столтенберг, Курц и другите што се сјатија во Македонија, Македонците одговорија со – правење ајвар.
Јасното и гласно „не“ на ликовите што разведруваат и наоблачуваат во светската политика можат да го толкуваат како што сакаат и тие и нивните овдешни подизведувачи, но токму тоа го разобличи до балчак нивното срамно игнорирање на народната волја. Тука е и појдовната точка за уривањето на дивоградбата „Северна“ и за востоличувањето на Република Македонија со сите нишани кога и тука, и пошироко, конечно ќе завладее правото. А тоа не е ништо друго освен преточување во дело на волјата на суверенот во државата, кој не плаќа даноци и почитува закони за да биде според желбата и интересот на некој друг.
И нека размислат два пати тие што го критикуваат Македонецот дека не презел ништо за да се спротивстави на разградувањето на својата татковина. Тој што се дрзнува да му ја оспорува храброста, прво нека прочита за Илинденско, Разловечко, Кресненско востание, за гемиџиите, за победата над фашизмот и за осамостојувањето на државата. Македонскиот народ ја има таа (не)среќа да учи од сопственото минато дека мудроста, трпеливоста, упорноста, лобирањето и придобивањето сојузници најчесто се поефикасни средства за остварување на посакуваната цел од пролеаната крв.
Националниот идеал не се остварува само со оружје в рака, ами и со секојдневна борба за каузата на сите полиња од знајни и незнајни патриоти, на кои личната слава и благосостојба не им значат ништо, туку доброто и напредокот на родината, колку патетично тоа да звучи. За нив 30 септември е и ќе остане светилник што вечно ќе ѝ го осветлува патот на Македонија.
П.С. Среќен роденден на Димитров и многу среќа во справувањето со својата совест (ако ја има) и со сопствениот лик во перцепцијата на народот во чиешто име си зеде право неовластено да го потпише договорот од Преспа.




