Да ги оставиме за момент настрана трите главни проблеми, економската беда, административната аждаја од 200 илјади бадијалџии и горчината поради промената на името.
Да заборавиме на сите други проблеми, во правосудството, дипломатијата, животната средина.
Да погледнеме само во најбаналниот проблем на оваа Влада, потполната неодговорност при давањето изјави од која било сфера во каков било контекст.
Верушевски вика, страшно се модифицирани прислушкуваните разговори. Шок, неверување. И премиерот мртов ладен: А не, Верушевски не мислеше така кога го рече тоа. И толку.
Истиот премиер дава купишта изјави за државниот буџет, за попуштањето кон Грција, за Катица Јанева, за ланскиот снег и на секој очигледен кикс од негова страна, дури на секоја катастрофална грешка се појавува некој министер и вели: А не, Заев не мислеше така.
И толку.
Министрите и меѓу себе си се демантираат често на дневно ниво. Шекеринска кажува што мислел Димитров,а Спасовски што мислела Шекеринска, или сите тројца заедно го демантираат Османи. И толку.
А бе не мислеше така човекот….На сето тоа го имаат најнеспособниот пиар веројатно во историјата на Македонија, потполно неинвентивен и ограничен, се што им паѓа на памет е да потсетуваат како било пред 10 години и да се закануваат со тужби.
И пак ништо, никаква реакција од она што се нарекува јавност. Граѓаните општо земено, се во таква апатија, во толку снажен духовен банкрот што едноставно ништо не ги допира, немаат сила ни да се огорчат на глас, а камоли за нешто повеќе.
Велат дека секоја нација, исто како и секој човек одделно, опстанува само ако се бори за преживување, но нашава одбива тоа да го стори.
Спуштени се ракавиците, фрлено е знамето на земја, малите пунктови на отпор и живот повремено испуштаат некаков звук зачинет со бес и револт, но никој не им верува бидејќи, нели, мора да се купени и поткупени, а остатокот од телото ситно си ги брои деновите, но не до подоброто утре туку до првиот свиок од кој се фаќа магла надвор од државата.
Што да се прави, што да се чини, не се знае. Времето ни истекува, бунарот се суши и наскоро таму каде што била вода ќе осамне гола пустина.
И тогаш навистина ќе стане сеедно, бедуините на двогрба камила во песокот ќе наоѓаат остатоци од она што некогаш било држава и народ и не знаејќи што да прават со нив навечер ќе ги фрлаат во огинот бидејќи во пустините ноќта знае да биде студена, а човек мора да се згрее за да преживее до утрото.





