Во Бугарија се потсмеваат со понудата од премиерот Бојко Борисов бугарски авиони да го чуваат македонското небо по интервјуто на грчкиот министер за одбрана Николаос Панајотопулос за „Катимерини“, кој потврди дека неговата земја ќе го прави тоа.
„Сметам дека тоа е во интерес на нашата земја од едноставна причина што ако не биде така тоа би ја отворило вратата за земји што веќе покажаа интерес, како што се Турција и можеби Бугарија, која изрази интерес, но ги нема потребните воздушни средства“, изјави Панајотопулос.
Бугарскиот весник „Сега“ потсетува дека Борисов „само пред три месеца се фалеше дека Бугарија ќе ја штити Македонија со своите нови осум американски ловци“.
„Во Бугарија сите доаѓаат на обука – другите држави ги прескокнуваат, но во Бугарија апсолутно сите доаѓаат. Имаме надежна техника, која ја модернизираме. А и со колегата Зоран Заев зборувавме минатата недела – да сме живи и здрави, сега, кога ќе ги добиеме новите ловци, ќе го чуваме воздушното пространство и на Северна Македонија. Тоа ќе биде добро и за нив, и за нас, бидејќи, и така и така, тие авиони не можат да свртат толку блиску и одат над Северна Македонија“, рече тогаш претседателот на бугарската Влада.
„Очигледно, Борисов ќе треба да почека за да ги обезбедува Скопје и Македонија, дотолку повеќе што авионите ќе дојдат најрано по три години“, пишува „Сега“ во написот насловен „Грчки, а не бугарски авиони ќе го чуваат небото над Северна Македонија“.





