По еден час, заврши „распитот“ на Бојан Јовановски кој денеска стражарно беше спроведен од притворот во Шутка во Обвинителството да даде исказ во врска со аферата „Рекет“.
Но, тој, наводно, одбил да говори пред обвинителката Вилма Русковска бидејќи не му биле доставени докази
Според неговиот адвокат, Сашо Дуковски, Јовановски одбил да даде исказ затоа што обвинителката Русковска на првото соочување со доказите го известила дека истрагата против него е завршена.
-Ова до сега во македонското правосудство не се случило. Истиот ден кога го викаат прв пат на распит, го известуваат дека е завршена истрагата. Претходно ниту еднаш не бил известен за доказите против него. Ова е повреда на постапката, ставот на Европскиот суд за човекови права е дека осомничениот треба да биде запознаен со доказите против него и основите за сомневање – рече Дуковски.
Дуковски појасни дека не е запознаен со фактот дали е завршена истрагата за „Рекет“ или само истрагата за неговиот клиент, бидејќи утре на распит треба да биде донесена екс шефицата на СЈО, Катица Јанева.
Адвокатот рече дека и покрај тоа што Јовановски не дал изјава денеска, тој нема да се брани со молчење доколку биде поднесено обвинение.




