Обвинителите од СЈО не знаат колку пари останале во „црниот фонд“, бидејќи како се собирале средства, така и тековно се трошеле – за приватни и службени цели.



„ Некогаш се одобруваа средства за лекување, но најчесто за потребите на институцијата. На пример, имаше случај кога ни се расипа климатизерот, па за да не мора да се распишува тендер за набавка, го купивме од тие заеднички пари. Истото важеше и за набавка на хард дискови, за одредени поправки и други итни потреби – објаснуваат обвинителите за „Дојче веле“.

Во моментов користењето на тој фонд е блокирано, со оглед дека Јанева ги одобрувала средствата. Обвинителите сметаат дека по истиот принцип по кој се собрани, парите сега треба да им се распределат на сите вработени, вклучително и на поранешната шефица, без разлика дали навистина ги бара и за каква потреба.

Но, според „Дојче веле“ во моментов реален проблем со кој се соочуваат обвинителите во СЈО, е тоа што Јанева е разрешена, па нема кој да ги одјави од институцијата, за да можат да бидат пријавени на работните места каде што сега се вратиле.

Без потпис од Јанева тие формално не можат да бидат одјавени од СЈО.

Овој проблем го немаат истражителите кои досега платата ја примале од МВР, УЈП или Финансиската полиција каде што биле вработени, а од СЈО добивале само надоместоци.

Најголемиот проблем го имаат другите вработени во СЈО – стручни соработници, советници, ИТ експерти, записничари, архивари, доставувач, хаусмајстор и други, чии договори за работа не се истечени.

„Тие за овој месец не можат да земат плата. Нема кој да потпише. Дури и да сакаат да си заминат, да си дадат отказ, нема кој да им го потпише отказното решение. Се работи за околу 50-тина лица кои навистина се во незавидна ситуација“, објаснуваат соговорниците на Дојче веле.