Шеснаесетти септември 2019 година ќе биде запишан со златни букви во македонската одбојка, откако Македонија ја совлада Белорусија со 3:1 (23:25, 25:19, 29:27, 25:20) за прв триумф во дебитантскиот настап на европските првенства!
По 130 минути џиновска борба во салата „Стожице“ во Љубљана избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ ги прокнижија првите три бода и ги оставија Белорусите зад себе во групата Ц.
Решавачки се покажа третиот сет, кој „црвено-жолтите“ го свртеа во своја полза од 21:23, спасувајќи три сет-топки!
„Многу сум среќен. Многу. Ова за мене е историја. Ни требаа три натпревари и слободен ден. Ова е навистина голема победа. Срце како планина! Утре дај боже втора“, изјави капитенот Никола Ѓорѓиев, кој одигра симултанка, завршувајќи го мечот со 37 поени!
Македонија ги подгреа надежите и за осминафинале, кое ќе зависи од утрешното последно коло, во кое македонските одбојкари ќе му излезат на мегдан на домаќинот Словенија од 17:30 часот.





