Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, кој од неодамна е на листата надворешни соработници на премиерот Зоран Заев, тврди дека аферата „Рекет“ е дел од разузнавачка операција за негово уривање и за спречување на евроатлантската интеграција на Македонија.
Во делот за Македонија од опсежната анализа насловена „Косово – Албанија – Северна Македонија 2019: Во исчекување на падот на ‘сијамските’ режими Тачи-Рама?“ се повлекува паралела со случувањата во Црна Гора пред нејзиниот влез во НАТО.
„Северна Македонија ќе продолжи да биде под напади и обиди за дискредитирање на нејзините водачи и институции. Искуството покажа дека Црна Гора претрпе слични напади сè додека не стана полноправна членка на НАТО. Меѓународната разузнавачка операција позната како ‘Рекет’ беше вешто дизајнирана надвор од Северна Македонија со внимателно избрани актери и нивни улоги. Северна Македонија немаше соодветна служба за контраразузнавање за да го заштити својот премиер Зоран Заев (СДСМ) и другите политички лидери. Затоа, на земјата ѝ е потребна итна реформа на безбедносно-разузнавачките и одбранбените сектори во кои сè уште доминираат вработените од поранешниот премиер Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) и од поранешниот шеф на македонската тајна служба Сашо Мијалков (ВМРО-ДПМНЕ). Процесот на ветинг што започна во рамките на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е првиот чекор кон професионализација на безбедносните структури на земјата. Во изнудувачката афера ‘Рекет’ учествуваат разузнавачки агенти, политичари, службени лица од државни институции, новинари, познати личности, професори и медиуми, како и одредени лица кои се (не)свесно вовлечени во оваа меѓународна разузнавачка операција против Република Северна Македонија и нејзината лидери со цел да ги дискредитираат, криминализираат, елиминираат и на крајот да ги соборат Зоран Заев и неговата влада со создавање хаос и преземање на власта со или без претходни избори“, пишува во анализата.
„Аналитичарите сметаат дека тековните настани во Северна Македонија се резултат на широка, прецизно планирана, координирана и вешто подготвена разузнавачка акција изведена од надворешни и внатрешни актери со цел да се спречи евроатлантската интеграција на земјата. За среќа, со навремена реакција и напори безбедносно-разузнавачките служби на Северна Македонија успеаја да го запрат распаѓањето на земјата. Според проценките, режимот на Груевски нелегално однел повеќе од пет милијарди евра надвор од земјата и обезбеди 50 милиони евра за операцијата против актуелната влада“, се додава во текстот.
„Затоа, од витално значење е да се забрза евроатлантската интеграција на Северна Македонија и да се помогне да се добие полноправно членство во НАТО, како и датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ во октомври 2019 година. Врз основа на искуството од Црна Гора, нападите врз Северна Македонија, особено против нејзиниот премиер Заев и клучните државни институции (посебно судството) ќе продолжат со уште поголем интензитет, користејќи ја шок доктрината за создавање хаос, за дестабилизирање на земјата, за да го спречат нејзиното членство во НАТО и незаконски да ја преземат власта“, е заклучокот на делот од анализата што се однесува на Македонија, во кој на власта ѝ се препорачува операција „Сабја“ како во Србија во 2003 година.
ИФИМЕС, чии директори Зијад Беќировиќ и Бахтијар Аљаф исто така се надворешни соработници на Заев, се „прослави“ со признанијата за Катица Јанева за „најдобра главна обвинителка на Балканот“ и за СЈО за „најдобро обвинителство на Балканот“ доделени пред две години.
Институтот им даде поддршка на Заев и на СДСМ пред да дојдат на власт и потоа преку анкети, трибини и анализи, отворено фаворизирајќи ги, истовремено демонизирајќи ја претходната власт во Македонија.




