Кежаровски: Барам судот да ме ослободи!

Новинарот Томислав Кежаровски е незадоволен од денешната одлука на Кривичниот суд да не му се суди за случајот „Ликвидација“ откако Обвинителството побара од судот да констатира застарување на кривичното дело.



„Сакам судот да ме ослободи, односно да добијам ослободителна пресуда, а не поради застарување или примена на поблага законска одредба, судењето тука да запре“, рече Кежаровски во судница.

Тој смета дека му се прави голема неправда:

„Сега сум осуден по втор пат и тоа на доживотна казна затвор, бидејќи немам право да се жалам и да ја барам правдата. Ова значи дека се било залудно. Засекогаш ќе се закопа и полициската местенка на лажниот сведок во „Ореше“, изјави Кежаровски за Фокус.

Тој во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.

Кежаровски помина пет месеци во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, а потоа беше во домашен притвор. Според Кривичниот суд,тој беше осуден на 4 години и шест месеци, а Апелација му ја намали казната на две години.