Лидерот на опозицијата смета дека основната пречка за договор меѓу власта и опозицијата околу Законот за јавно обвинителство со кој се регулира и статусот на Специјалното јавно обвинителство е министерката за правда, Рената Дескоска.
Споре Христијан Мицкоски, единствена цел на минситерката била како што кажа, пресметка со ВМРО-ДПМНЕ.
„Навистина жалам што министерката за правда на моменти се претвора во министерка за неправда. Толкав гнев кон ВМРО-ДПМНЕ јас не сум сретнал. Таа во секој поглед гледа да ги минира преговорите. Таа е основната пречка е што тие преговори не завршија….
Позицијата на Дескоска е политичка и има за цел пресметка со ВМРО-ДПМНЕ. Затоа не можеме да ги доближиме преговорите. Политички договор за правно прашње ќе донесе куферчиња, рекетирање и слично. Доколку постои намера за договор, тој ќе беше најден до овој момент. Ние преговараме со факти и аргументи“, вели Мицкоски.
Христијан Мицкоски смета дека планот – Б за начинот на донесување на Законот за јавното обвинителство е правно погрешен.
По ова, на Фејсбук реагираше министерката Дескоска:
„Неговата денешна изјава е крик на немоќ, крик на фрустрација дека вистинската намера на нивните позиции во однос на Законот за јавно обвинителство е разобличена и дека барања за заштита на криминалот и амнестија на криминалците нема да поминат“, напиша на својот фејсбук профил министерката Дескоска.





