Богдан Илиевски, еден од водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, реагира со низа прашања по уверувањето од претседателот Стево Пендаровски дека аферата „Рекет“ нема да влијае врз датумот за преговори со Европска унија поради, според него, „соодветната реакција“ на институциите досега.
„На ставот на Димитров дека ‘Рекет’ е важен за датумот за преговори со ЕУ, во пожарникарски манир реплицираше Пендаровски. За него, ‘Рекет’ не бил клучен бидејќи институциите ‘постапувале соодветно’.
Имам неколку прашања. Прво, оваа изјава нели е мешање во правосудство?
Второ, како Пендаровски оценил дека соодветна била реакцијата на институциите? Од каде знае што се има во случајот? Нели го дозна пред 2 недели и беше шокиран? Не се ли ‘дошокира’ на индициите дека има вмешани политичари, иако Јовевски претходно побрза да нагласи дека ‘нема политичари кои се вмешани’? Како што претходно и за Катица тврдеа (при апсењето на Тредичи и другиот) дека нејзината оставка немала врска со случајот? Како што не ја викаа на разговор иако гинеше и бришеше телефони, наредувала форматирање компјутери во СЈО, претресуваше обвинители по нивен распит во ОЈО и им се заканувала дека ќе го повлече надолу цело СЈО, каде претходно пукаа цевки и имаше поплави вз рекетираните и платени предмети? Нели го знаеле случајот од март/април, а тек после написите во медиумите и жестокиот притисок на јавноста имаше реакција? Нели дури по објавените снимки дојде на ред за ‘правда’, неволно, и нивната колешка?
Нели се ова индикации дека можеби некој е за/штитен или дека барем се прават такви обиди? Ако е така, како е ова ‘соодветна реакција’ на институциите? Нели може да се заклучи и дека ова е обид за ‘забошотување’ на случајот и минимализирање на истиот колку што е можно (не е рекет, поткуп е, не се 8 милиони, 5.000 се) за да не метастазира на целиот организам на октоподот? Нели, според истото ОЈО, ‘непостапување’ по индиции за криминал е исто како и да си го сторил криминалот?
И, што сака сега Пендаровски? Да се среќни граѓаните што иако со месеци ОЈО знаело, дури после вмешувањето на медиуми се презема ‘активност’? Да се радува народ на општото чувство дека има обиди да се забошоти непостапувањето по индициите за вмешаност на функционери? Да сме среќни и да мислиме дека сме земја со ЕУ стандарди во која на индиции за вмешаност на функционери во рекетирање преку правосудство (ама комплетно, со судии, адвокати, чиновници, не само преку СЈО) ќе летаат закани за тужби на новинари и ќе се бара ‘кој е кртот’, наместо да се занимаваме со суштината и проверка на веродостојноста на документите кои протекуваат?
‘Соодветна реакција’? Ќе ја видиме во октомври соодветната реакција“, напиша Илиевски на Фејсбук, мислејќи на одлуката на ЕУ за пристапните пореговори со Македонија.





