Владата на претходниот словенечки премиер Миро Церар тајно купила четири блиндирани возила, од кои два „мерцедеса“ како тој за кој поранешниот македонски премиер Никола Груевски беше осуден на две години затвор.



Според весникот „Финанц“, двата „мерцедеса С600 гард“, со поединечна цена 600-700 илјади евра, слично како тој за кој се товареше Груевски, пристигнале минатата есен. Другите две блиндирани возила се од марката „БМВ Х5“, со вкупна цена од 400 илјади евра. За сите четири Министерството за внатрешни работи не ја коментира цената, повикувајќи се на доверливоста на податоците.

„Возилата не се евтини, но Словенија не може да си дозволи да му се случи нешто на ниту еден странски државник на нејзина територија. Со тие возила нема да се возиме јас или министрите, тие се наменети за странски делегации“, изјави сегашниот премиер Марјан Шарец.

Тој потсети дека Словенија ќе претседава со Советот на Европска унија во 2021 година, кога ќе биде неопходно да се има потребната опрема, додавајќи дека затоа полицијата ги купи овие возила што ги штитат своите патници од огнено оружје и од бомбашки напади, а шасијата издржува две експлозии на гранати.

Слични возила пред две години купи и Хрватска, која за двете плати вкупно 1,6 милиони евра.