„Моето чувство е дека во соседна Бугарија е создадена генерална перцепција – не само кај поединци во владата, во опозицијата или медиумите – туку генерална перцепција дека сега е моментот ‘да нагазат“ и нашиот сосед кој сака да влезе во ЕУ да почне преговори, да ги решиме тие прашања на наш начин за понатаму да нема ме проблеми.
Дури има и јавни изјави во таа насока на некои бугарски политичари кои велат дека треба да направат како што направија Грците – ако сакате да влезете таму и таму, мора да го решите спорот со името…“ вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за Гласот на Америка.
Пендаровски вели дека Договорот со Грција од самиот почеток бил асиметричен, но одлично политички и стратешки избалансиран. Меѓутоа, кога се зборува за Договорот со Бугарија и македонско-бугарската историска комисија, претседателот е согласен дека Бугарија се обидува на еден „крајно асиметричен начин да ги реши 19 и 20 век“ и не зборува од позиција на споделена историја туку од позиција на нивна историја.
За конкретниот случај со Гоце Делчев, Пендаровски вели: „Значи вие нема да го решите проблемот ако кажете, или ако ние случајно се согласиме, дека Гоце Делчев бил Бугарин и се борел исклучиво за бугарската кауза. Ако ние не кажеме, што е неспорен историски факт дека Гоце Делчев се борел не за Бугарија, туку се борел за Македонија и за македонска самостојна држава, ние во тој случај не сме го решиле проблемот“ вели Пендаровски.
Тој вели дека во тој поглед нема напредок во работата на Комисијата во изминатите неколку месеци, а причината според Пендаровски е што од бугарска страна инсистираат на политички а не на историски пристап во работата на Комисијата.
„Јас на последната средба со Борисов овде во Скопје, на која зачудувачки беше и претседателот на бугарскиот дел на историската комисија, јасно му дадов на знаење дека таа комисија не смее да има краен рок.
Бидејќи, не можете, макар имале и најдобра намера и дури и најдобрите историчари на свет да ги земете – и странски и наши и нивни – не можете за две недели или за два месеца да решите два вејка, згора и тоа да го решите на начин како што тие или вие го сакате“ вели Пендаровски кој се надева дека ќе преовлада разумот и дека нема да има политички притисоци врз работата на комисијата кои во изминатиот период доаѓаа од Софија и дека на следната сесија на Комисијата закажана за септември ќе донесе добри резултати“.
Околу Македонија и ЕУ, Пендаровски смета дека Бугарија нема да н’е блокира околу датумот за отворање преговори што се очекува наесен бидејќи Бугарија, како што потсетува, е една од 13-те ЕУ членки кои потпишаа и јавно објавија заедничка декларација за брзо отворање на пристапните преговори за Македонија во ЕУ.
Сепак, Пендаровси смета дека во иднина „постои простор за поголеми проблеми“ во периодот кога ќе преговараме со ЕУ.





