Жарко Ракиќ, вршител на должноста главен и одговорен уредник на српскиот весник „Политика“, не штеди изрази на критика за одлуката на Македонија да не ѝ го испорача на Србија бившиот припадник на ОВК, Томор Морина, кој таму се бара за воени злосторства во Косово.



Ракиќ оценува дека станува збор за политички потег, кој „докажува каква држава е Северна Македонија“.

„Навистина, ништо друго не ни очекувавме. Македонија е држава која е фактички федерација, а Зоран Заев секако не беше подготвен да ја урива коалицијата со албанските партии што го држат на власт, само за да испорача таму некој злосторник“, изјави Ракиќ за ТВ Пинк.

„Навредливо е да се каже за некоја држава дека е банана држава, но тие навистина се тоа. Приказната за овој (Морина) е губење време и заземање простор во весниците, бидејќи однапред го знаевме исходот, но луѓето сакаат да знаат што се случува. Беше само прашање како Македонците ќе најдат формулации што ќе ги пласираат во јавноста“, додаде Ракиќ за потврдата од македонскиот Врховен суд на одлуката на Кривичниот суд во Скопје дека не се исполнети законските услови за екстрадиција на Морина на Србија.