Милчин: Кутрото цивилно општество ако го брани Боки 13

За професорот Владимир Милчин, Меѓународен сојуз на Боки 13 кој е во притвор за случајот „Рекет“ е Сојуз на лажните светци.



Прашува кој со кого се здружил во тој сојуз и каде се странците во него.

“Ја гледав на јутјуб снимката од тричасовната конститутивна седница и видов и слушнав мнозина домашни, но странци ниту видов ниту слушнав.

Ни во органите на управување нема странци. И веб-страницата на т.н. меѓународен сојуз е само на македонски јазик.

На страницата читам: Асоцијација за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории, а под тоа: Меѓународен сојуз – Скопје.

Малку потаму читам: Меѓународен сојуз – Скопје е граѓанска асоцијација за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории.

Кутрото цивилно општество! Кој ќе го заштити македонското цивилно општество од компромитацијата предизвикана со аферата „Рекет“, во која во една од главните улоги се јавува претседателот на Сојузот Бојан Јовановски познат како Боки 13, бонвиван, љубител на скапи брендови, миленик на неколку политичари од врвот и, така вели тој, сопственик на една телевизија.

Чудо од детета со круна на главата!  На веб-страницата не најдов многу податоци за активностите, но затоа видов многу фотографии на Боки 13.

Кога ја отворив секцијата Проекти, налетав само на реченицата: „Во обработка“. По повеќе од ДВЕ години од основањето! Имено, актот за основање е од 31 мај 2017 година”, пишува Милчин на Фејсбук.