Бугарија купува 8 ловци Ф-16 за 1,1 милијарди евра

Бугарија сепак ќе купи американски борбени авиони Ф-16 откако вчера во парламенто беше отфрлено ветото на претседателот Румен Радев.



Вредноста на зделката е 2,2 милијарди лева (1,12 милијарди евра), поради што државата исто така ќе треба да се задолжи за да го надополни веќе изгласаниот износ од 1,8 милијарди лева, потсетува БНР. Парите се очекува да бидат депонирани во Банката на федерални резерви.

За отфрлање на ветото на Радев гласаа 128 пратеници, додека 73 беа против. За потврда за купување на авионите беа доволни 121 глас.

Од владејачките партии го бранеа договорот со САД за набавка на Ф-16 со објаснување дека сите други земји ги купиле такви авиони, дека Ф-16 е вистинскиот авион за Бугарија, дека ќе бидат заштитени стратешките интереси и дека со оваа набавка ќе се зголеми авторитетот на државата.

Се очекува првиот авион да биде испорачан до средината на 2023 година, 4 борбени авиони ќе бидат испорачани до крајот на 2023 година, а останатите во првиот квартал од 2024 година. Оперативна подготвеност на авионите треба да се постигне до крајот на петтата година од датумот на влегување во сила на договорот, јавува БГНЕС.