Бојан Јовановски денеска ги поминал сите прегледи и процедури во затворот во Шуто Оризари каде беше спроведен доцна синоќа. Врз него биле спроведени сите процедури како кај сите притворени лица, насоки на проценка како и насоки за прва помош, изјави директорот на затворот, Есад Рахиќ.
Поради безбедносни причини, Боки 13 моментално се наоѓа во таканареченото „хашко одделение“ со уште едно притворено лице, а полицијата немала проблеми при извршување на процедурите.
По заминувањето на неколку обвинети за случајот 27 април од затворот, се ослободиле неколку келии во ова одделение, вели директорот на КЗП Шутка, Есад Рахиќ, за „Република“.
За него постојат посебни мерки поради, како што велат, безбедносни причини. А зошто безбедноста на Јовановски е загрозена никој не кажува. Тој има посебен третман, со оглед на тоа што „хашкиот оддел“ е со далеку подобри услови од останатите келии.





