„Извинувањето, кое најчесто едвај им преминува преку усни и тоа само кога се фатени со „рацете во медот“ или „со спуштени гаќи“, не е санкција (и покрај тоа што политичарите во својата забеганост и самобендисаност така го сфаќаат), туку е еден морален личен чин кој покажува добро воспитание и минимум морал.
Санкција е казна за сторена и утврдена повреда, а треба и мора да дојде како последица на материјална, дисциплинска, прекршочна или кривична одговорност“, пишува адвокатот Ѕвонко Давидовиќ во колумна за „Независен весник“, по лавината извинување на јавни личности, естрадни ѕвезди, партиски и владини функционери кои се обидуваат дадените изјави, направените потези и сторените грешки да ги денфуваат со едно – извини.
„Спинувањето и затскривањето на грешките и повредите на правилата на службата и законите и недоличното и недоквакано однесување водат кон уште поголеми проблеми и создавање чувство на недоверба кај граѓаните, а за политичарите само го потврдува имиџот на неискреност и манипулантство.
Постојаното наоѓање оправдувања или измислување на безброј причини и лаги за грешките или однесувањето на функционерот и сопартиецот од типот тој е добар, не е конфликтен, тој посветено работи, ама не знам што му е денес, тој направил многу за партијата и други глупости само дополнително го иритираат граѓанинот.
Господа политичари и функционери, треба да научите дека не се виновни граѓанинот и новинарот што ги откриле вашите пропусти, лаги, неспособност или криминал, туку за тоа сте виновни вие самите што го правите. Забеганоста, која кај нашите функционери и политичари доаѓа многу бргу со седнувањето во функционерската фотелја, дека се незаменливи и дека од нив почнува сè, е заблуда која мора да ја надминат и да сфатат дека не постојат граѓаните поради нив, туку обратно – тие постојат за да му служат на граѓанинот и народот.
Треба да научат дека работата на новинарите е да откриваат и критикуваат грешки, криминал и апашлак и за тоа да поставуваат прашања и да пишуваат. Кога политичарите и функционерите ќе го сфатат ова и кога ќе сфатат дека немаат само права и привилегии, туку и засилена поголема одговорност од другите, ќе можеме да зборуваме за политика, политичари и демократија.
А дотогаш, за жал, ќе можеме да зборуваме за политикантство, политиканти и анархија.
Сè додека покрај „извини“ не падне и некоја дисциплинска казна, разрешување, оставка и не заѕвечкаат и лисици, политичарите и нивните спинувања ќе служат за подбив и потсмев, а на следните избори народот ќе им се извини… што не ги бидува“.
Колумната во „Независен весник“ на следниот ЛИНК




