Градоначалникот на Охрид вели дека сите дивоградби во Охридскиот регион нема да бидат урнати до февруари 2020 година, рок кој Комитетот за светско наследатво и го даде на земјата да постапи по 19 забелешки од што ќе зависи дали Охрид ќе го задржи статусот во УНЕСКО или ќе биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.
„Тоа и не се бара од нас“, тврди градоначалникот на Охрид Георгиески. Според него бројот на објекти кои треба да се урнат е многу помал од тоа што како впечаток владее во јавноста.
„Битно е дека сега ќе следи евалуација, и тоа е она што УНЕСКО го бара од нас. УНЕСКО не бара од нас да рушиме 400 дивоградби, бидејќи тоа е невозможно. УНЕСКО бара од нас да извршиме евалуација на влијанието над животната средина на тие објекти кои што се во заштитениот појас и тие да ги отстраниме. Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце“ вели градоначалникот Константин Георгиески.
Справувањето со околу 400 дивоградби во Стариот Град и во заштитените подрачја на Охридскиот регион е само еден од 19 услови Охрид да го задржи статусот на светско културно и природно наследство под заштита на УНЕСКО.
Според општината многу посериозне тест за градот и државата ќе биде решавање на проблемот со колекторот, донесување на Планот за управување со Охридскиот регион до ога треба да биде прогласен мораториум за градба и дислокација на депонијата во Буково.





