Најголемата инвестиција во енергетскиот сектор во Македонија, вредна 48 милиони евра, со која треба да се изгради 400-киловолтна трафостаница во Охрид и 400-киловолтен далновод, како и 110-киловолтен далновод, интерконекција меѓу Македонија и Албанија, може да пропадне поради кавги во МЕПСО, дознава Плусинфо.
Постои опасност да пропадне инвестиција за која парите се обезбедени уште во 2015 година од ЕБРД – 36 милиони евра заем и 12 милиони евра грант, доколку до декември годинава работите не мрднат од мртва точка.
Причината за доцнењето и за застојот се големите кавги во јавното претпријатие МЕПСО, каде што генералниот директор Сашо Василевски и група вработени кои му опонираат за начинот на кој тој замислил да се спроведе тендерската постапка, буквално водат вистинска „војна“.
Додека вработените алармираат дека тендерот се мести, дел од раководството на МЕПСО е со цврста намера да ја истурка работата, пишува Плусинфо.





