Државната Антикорупциска комисија ќе го истражува тендерот за набавка на радарска опрема за МНАВ во кој е вмешан владиниот генерален секретар Драги Рашковски, јавија повеќе медиуми.
Телевизија Алфа, добила потврда од претседателката на Комисијата, Биљана Ивановска дека случајот бил отворен по допрен глас.
Меѓу другото антикорупционерите ќе истражуваат дали Рашковски навистина добил задолжение од Владата да преговара со италијанската фирма за набавка на опремата за навигација и дали се точни наводите на опозицијата дека тој договарал мито?
Случајот се отвора откако expres.mk објави аудио снимка на која се слуша како Рашковски наводно договора реализација на тендерот кој го добила италијанската фирма „Леонардо“.
И во Обвинителството има пријава за случајот со Рашковски. Оттаму за Алфа велат дека опозициската ВМРО ДПМНЕ веќе поднела кривична пријава и оти таа ќе се разгледува.
Опозицијата од Обвинителството бара притвор за Рашковски, оти како што велат тој незаконски влијаел за тендерот тежок 7 милиони евра и договарал мито.
Во аудио снимката која беше пласирана во јавноста, се слуша како генералниот секретар споменува бројка од 15 отсто но тој пред новинарите одби да одговори што значат тие 15 отсто. Одговор на тоа прашање новинарите не добија ниту од премиерот Зоран Заев, кој беше дециден оти не планирал да го менува Рашковски затоа што тој, според него, не сторил ништо незаконско.
Инаку Рашковски ги навреди Италијаните за што им се извини, а на новинарите им се закани дека ќе ги тужи за навреда и клевета, пишува Алфа.





