Јоргос Христидис, политолог и професор на Македонски универзитет од Солун, смета дека фаворитот за иден грчки премиер Кирјакос Мицотакис ќе биде прагматичен во однос на Преспански договор, кој сега жестоко го критикува како лидер на опозициијата.
„Мислам дека Мицотакис ќе ја омекне својата позиција. Изгледа веројатно дека тој не само што ќе ги добие изборите, туку и ќе може да состави влада без коалиција со друга партија. Од евроизборите забележувам тенденција за зголемување на поддршката за Нова демократија. Имам чувство дека Мицотакис ќе покаже прагматичност“, изјави Христидис за Блумберг ТВ Бугарија.
„Тој во неколку наврати изјави дека мора да го прифати договорот. Го карактеризираше како лош, но вели дека е ратификуван во грчкиот парламент, па затоа мора да го прифати. Но, исто така споменува дека неговата влада енергично ќе се грижи за исполнување на договорот и ако тој не е соодветно спроведен од другата страна, тогаш Атина ќе го искористи процесот за пристапување кон ЕУ за да изврши притисок врз Скопје за негово ефикасно спроведување“, објасни политологот.





