Претседателот на Здружението на стопанственици во северниот дел на Косово, Радош Петровиќ, потврди дека од понеделник, 1 јули, продавниците нема да работат.
Нема да работат продавниците за храна, дуќаните, па дури ни пекарите, јавуваат белградски медиуми.
Така било одлучено поради наметнатите царини за стока од централна Србија, воведени од властите во Приштина.
Петровиќ вели дека зголемувањето на царините за 100% на производите од централна Србија, ги доведе жителите во северниот дел на Косово до работ на хуманитарна катастрофа. Петровиќ, вчера апелираше до меѓународната заедница „да ѝ застане на патот на Приштина“.
Во знак на солидарност со приватните компании кои имаат објекти со основни прехранбени производи, како и производи за широка потрошувачка, нема да работат ни угостителските објекти, бензинските пумпи…
Во текот на вчерашниот ден рафтовите во некои продавници каде што се продавале леб, млеко, брашно, шеќер, сол, зејтин беа празни, зашто во последните 10 дена се потрошени сите залихи на млеко, брашно, шеќер, масло, а нови нема.
И во аптеките каде што во последните 10 дена не стигнуваат нови пратки, зголемена е побарувачката на антибиотици, лекови за хронични заболувања, а најбарани биле антидепресивите.





