Швајцарскиот дневен весник „Ноје цирхер цајтунг“ го коментира „претворањето на ЕУ дека сака проширување и глумењето на кандидатите од Балканот дека се подготвуваат за тоа“ низ примерот со Македонија.



„Бриселската дипломатија се ангажираше и мижеше на едно око дури и кога парламентарната потврда на договорот (со Грција) во Скопје дојде со уценување на еден број пратеници. Брисел го славеше договорот за името на земјата како историски“, пишува авторот Андреас Ернст.

Сепак, Французите и Холанѓаните беа против почеток на преговори кога на самитот на ЕУ во средината на јуни дојде моментот Македонците да го наплатат трудот, додава тој.

„Тоа слободно може да се нарече кршење на дадениот збор“, заклучува одличниот познавач на Балканот и поранешен долгогодишен дописник од Белград.

Другиот пример за недоследноста на Унијата кон Западен Балкан, според Ернст, е недавањето визна либерализација на Косово, и покрај исполнувањето на главниот услов со ратификацијата на договорот со границата со Црна Гора во Парламентот во Приштина, на која жестоко се спротивставуваше опозицијата.