„Хуманко“ во мисија за еднаквост на сите деца (ВИДЕО)

Децата од проектот Хуманко во мисија да им помогнат на деца кои што имаат различни видови проблеми но и во мисија на сите луѓе да им покаже дека сите сме исти без разлика на проблемите со кои сите се соочуваме.



Децата од хуманиот проект и годинава со успешна мисија:

Летото е период за кој не врзуваат убави мигови. Мигови исполнети со релаксација, забава и нови пријателства. За жал живееме во време кога многу родители се соочуваат со проблем да обезбедат парче леб за семејството, а не пак да размислуваат за одмор. А има деца и млади кои за жал општеството сеуште ги гледа со предрасуди, од кои останатите луѓе го вртат погледот. Клубот на млади на Општинска организација Црвен крст Карпош во рамките на своето функционирање го има проектот Хуманко. Проект кој има за цел едукација и социјализација на:
– деца и млади со попреченост;
– деца од социјално-загрозени семејства;
– деца од еднородителски семејства и
– деца со потешкотии во учењето.

Покрај едукативните часови секоја сабота во просториите на Црвен крст Карпош, екскурзиите низ Скопје и државата и зимувањата, истата група на волонтери оваа година по вторпат го организира Летниот камп “Сите сме исти 2”. Минатата година кампот имаше 35 учесници, од кои 22 деца и млади беа дел од целната група. Истиот помина успешно благодарение на 49 донатори и подржувачи. Оваа година кампот ќе има вкупно 50 учесници од кои 35 ќе бидат дел од целна група.

Вистински камп со шаторска населба, со топло приготвена храна во шаторска кујна, со голем број едукативни, рекреативни и забавни активности. Учесниците на овој камп ќе се стекнат со нови знаења, нови вештини, нови пријатели, но најважно од се: ќе градат убави спомени и трајни сеќавања.

Превозот, сместувањето, храната и сите потребни материјали се целосно обезбедени преку донации, благодарение на донатори како: ЈСП турс, Жито Лукс, Агро Гурмеш, Јого Меркур, Монтенегро, Црвен крст на Република Македонија и многу други.

Волонтерите се значајна алка за овој камп, бидејќи тие доброволно, со неизмерна љубов секоја фаза од организацијата, реализацијата и евалуацијата ја прават целосно и посветено. Тие во целост го креираат текот на кампот и ја реализираат секоја теренска задача, од поставување на шаторите, до готвење и заедничко уживање со учесниците за време на активностите.

Волонтерскиот ангажман знае да биде напорен меѓутоа кога ќе се види крајниот резултат, јасно е дека трудот се исплател.

Ова кампување ќе остави трага во животите на учесниците и волонтерите, а придобивките од него ќе се забележуваат уште долго понатаму.