Македонската активистка од Италија, Илона Захариева, за тамошната интернет телевизија Пандора преку видеоконференциска врска ја изложи актуелната ситуација во Македонија, со акцент на односот на Европа кон македонскиот народ.
„Може да ви звучи смешно, но Македонија е многу понапред од Европа со историските случувања и промени кои се во тек.
Македонија е еден експеримент на мултикултурална држава, би рекла, држава без сопствен идентитет, фантом држава, каде што приоритетна вредност се парите. Држава управувана однадвор.
Немој да мислите дека само затоа што вашите држави се големи и силни, нема да дојдат до тој степен. Имаме работа со непријател кој навистина знае како, верувајте“, вели на почетокот претседателката на македонското здружение „Камен Мост“ од Канели.
Според неа, Македонија има два основни проблема: името и албанското малцинство.
„Знам дека на некој кој не е Македонец можеби и не му изгледа како голем проблем, но, ве молам, ставете се на наше место. Мене, на моите деца, на неродените деца, ни е одземено основното човеково право според Универзалната декларација – правото на самоопределување. Меѓународната заедница, посебно американскиот амбасадор во Скопје и официјален Брисел, се задоволни што ‘успеаја да решат’ еден проблем што траеше 28 години. За решавање најдоа три политичари, доволно корумпирани, амбициозни и глупи за да го прифатат планот. Заев, Шеќеринска и Димитров, тие се оние кои ја водат својата држава кон пропаст. Не знам дали вистински веруваат и дека направиле добро… Тоа се луѓе без никакви човечки вредности, за нив најважно е да бидат многу богати, на високи позиции и пофалени од Брисел и од Вашингтон“, смета Захариева.
По ретроспективата на настаните во Македонија со Албанците во главна улога по стекнувањето на независноста на земјата, таа констатира: „Војната во 2001 година заврши со потпишување на Рамковниот договор од Охрид. УЧК се трансформира во партија, ДУИ, со лидерот командант Ахмети, а терористите навлегоа во Парламентот, Владата и институциите. Функционерите на ДУИ, колку можат така да се наречат, се вистински шерифи во државата. За нив не постои ниту закон, ниту друг народ. Денес, нашата држава е управувана однадвор и од албанското малцинство, односно од страна на борците на УЧК. Најважните министерства се во нивни раце. Претседателот на Парламентот е екскомандант, покрај другото поставен преку државен удар на 27 април 2018. Сè она што е направено по тој датум од страна на Владата и на институциите е тотално нелегално и противуставно“, објаснува Захариева.
Елаборирајќи и за прогонетата опозиција, како и за народот што три месеца протестираше по улиците против Тиранска платформа во пролетта 2017 година, родената виничанка на крајот заклучува дека Европа нема слух за „еден понижен народ“.
„Меѓународната заедница му пристапи на проблемот на многу површен начин, а европската јавност, не знаејќи ги вистинските факти и случувања, зборува, простете ми, повеќе за Африка отколку за тоа што се случува во срцето на Европа, не го слуша крикот на еден народ понижен и без никакви права во сопствената земја“, вели таа и додава: „Деновиве Еди Рама најави отворање на границите кон Република Македонија и Косово. Сонот за Голема Албанија се исполнува. Оставам на вас да размислите за што ќе служи Голема Албанија“.





