Многу скоро ќе се види од кои причини премиерот Зоран Заев се одлучил да го смени Тевдовски и да го преземе и неговото портфолио: Дали во трошењето на парите му е важна брзината или намалената контрола, пишува новинарот Сашо Ордановски.
„Може да е и комбинација, што е познато под квалификацијата ‘Премиерски брзи прсти’. Знаеме што ѝ зборуваше Ставревски на Јанкуловска на телефон за меракот да се располага со државното „чоколадно“ чекмеже.
Сепак, не е белки НЕКОЈ да мисли дека во 2019 година, после целата криминална галантност со државните пари којашто ја преживеавме со режимот на Груевски, дека сега ќе може да се „протне“ со каква било несериозност, да не спомнам и нешто поопасно, околу ресорот финансии?! Бидејќи, со ова невообичаено, иако не и нечуено решение, Заев сосема ги трга политичките „амортизери“ околу „дупките на патот“ и иднината на јавните финансии во државава“, пишува Ордановски во колумна под наслов „Несолената шега на Заев“ за ЦивилМедиа.





