Ердоган остана без свој човек во Македонскиот совет за Безбедност

За прв пат во историјата на независна Македонија ќе нема Турчин во Советот за безбедност со кој претседава претседателот на државата.



Според вчерашната изјава на претседателот на државата Стево Пендаровски нема ниту еден Турчин во највисокото безбедносно тело на Македонија.

Во новиот состав на СБ покрај 6 членови по службена должност влегуваат и тројца членови кои се по предлог на претседателот.

Во овој состав Пендаровски ги именувал првиот министер за одбрана во независна Македoнија, Трајан Гоцевски, професорот на УЈИЕ, Ветон Љатифи, како и професорот од Правниот факултет при УКИМ, Ненад Марковиќ.

Ако се анализира етничкиот состав на советот во него сега има 6 Македонци, двајца Албанци и еден Србин.

Досегашниот член на Советот за Безбедност од турска националност Фуркан Чако од вчера веќе не е дел од ова тело кое ја координира и планира македонската национална безбедност.

Овој потег ќе биде дочекан со нервоза од страна на Република Турција која не очекувала дека македонските власти ќе ги занемарат над 70,000 Турци во Македонија, блиските партнери од Анкара и ќе го исфрлат единствениот Турчин во Советот за безбедност, велат добро упатени извори од партија на Турците која е дел од Владата кои се загрижени за односите меѓу Скопје и Анкара.

Овој чекор може да предизвика преиспитување на учеството на турските партии во владата на Зоран Заев, тврдат истите извори.

Турција е една од ретките земји партнери на Македонија која дозволуваше во своите највисоки безбедносни тела да учествуваат македонските аташеа за безбедност и со тоа Македонија со години да има информации од прва рака од моќниот систем за безбедност на оваа важна држава.

Пред Чако во македонскиот советот за безбедност членови биле Вели Креци и
Ѓунер Исмаил.

Вели Креци беше заменет со Чако во советот откако македонските власти утврдија дека бил основач на невладина организација која што имала контакти со организацијата ФЕТО на Фетула ѓулен која Анкара ја смета за терористичка и која според турските власти стои зад обидот за воен пуч во Турција во 2015 година.

Изворите на expres.mk се загрижени поради можност за натамошна екскалација на односите меѓу Македонија и Турција па дури и од блокада за членство во НАТО затоа што се сигурни дека доколку овој чекор администрацијата на Ердоган го доживее како почеток на антитурска политика тогаш на Македонија може да се очекуваат реципрочни мерки од Анкара.

Амбасадорката на Турција во Скопје Тулин Еркан Кара во јануари годинава се закани со санкции против Македонија од протестот пред Амбасадата на Турција во Скопје.

Протестот се одржа во знак на реакција против доделувањето на финансиска поддршка од страна на Владата на Македонија во рамки на Програмата за поддршка на печатени медиуми за 2018 година, за весникот „Заман Македонија“ кој е поврзан со организацијата ФЕТО.

Советот за безбедност на Република Македонија го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката.

Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија.

Уредувањето и функцијата на Советот за безбедност на Република Македонија е уреден со член 86 од уставот на Република Македонија.