Изјавите на претседателот Стево Пендаровски дека евентуалното укинување на границата меѓу Албанија и Косово може да предизвика тензии во регионот наидоа на негативни коментари од стран а на партиите на Албансците во Македонија.
„Албанија и Косово се две суверени држави со свои легитимни управни органи. Секоја суверена држава одлучува за својата иднина во партнерство со трајните пријатели САД и ЕУ„, изјави Бујар Османи во име на ДУИ.
„Позрели изјави“ од претседателот кога станува збор за нерешените политички спорови меѓу Република Косово и Србија побараа од Алијансата на Албанците.
Од Движењето БЕСА пак предупредија дека доколку наскоро Балканот не биде интегриран во ЕУ, укинувањето на границите е легитимно, пренесе ТВ21.
„Една од главните причини зошто Албанците се про европски народ во регионот е токму фактот што со интеграцијата на регионот во Европската Унија се елиминираат и границите со што природно се случува обединување на сите Албанци во рамки на големото семејство на ЕУ“, изјави Аријанит Хоџа, генерален секретар на движењето БЕСА.
На идејата на Пендаровски дека Северна Македонија и Албанија да се одвојат од пакетот за почеток на пристапните преговори за членство во реагираше албанскиот премиер Еди Рама кој го нарече чуден ваквиот пристап, што според него не е ниту праведен ниту практичен.
И вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи за ТВ21 рече дека треба да се внимава кога се зборува за пријателска држава – Албанија во врска со датумот за преговори.





