„Сфе“, ама баш „сфе“ се подготвени да направат, само и само да им се додворат на тие што ги мотаат како црево за наводнување бавча, па и мртвороденчето им „Северна“ го напикаа во слоганот за туристичката кампања „Македонија вечна“. Нешто што не ја ни здогледа светлината на денот поради масовниот народен бојкот на крајот од ланскиот септември претендира, ни помалку ни повеќе, туку на вечност. Па уште и туристи да привлекло со својата фејк појава?!
Кој им го пишувал сценариото за петпарачкава хорор-комедија или да им ги врати парите, или да го номинираат за „Златна малина“. И рекордерот по статуетки за лоша глума Силвестер Сталоне да им позавиди. Милчо Манчевски, пак, ќе мора да се надмине себеси за да режира промотивен спот за таква наказа што живее само во испраните мозоци на новопечените Северномакедонци.
Еееј, „Северна Македонија вечна“!!! А бе, до тука ли им сече на Северџаниве? Остатокот од инцестот со сопствениот народ да го рекламираат како привлечен туристички производ?! Згора, и да тврдат дека Грците не ги натерале, туку доброволно го сториле тоа. Во духот на Преспански договор, ами како.
Ваква експедитивност и исполнителност нема ни кај најплатените колгерли. „Где ја оком, а ти – скоком“, што би рекле кај северниот сосед на „Северна“. До цент си ги одработуваат парите за бришење на сè што во името го содржи прогонетиот збор што почнува на „М“ и неговите изведенки. Не Нобелова награда, море интергалактичко признание заслужуваат за брзината во задоволувањето буквално на сите барања од пребирливите странки.
Што има да го почитуваат петгодишниот транзициски период според договорот што им го отфрлија граѓаните на референдум, кога можат да ги исполнат својот дел од обврските сега и веднаш. А сојузниците им од југот ни да бекнат додека овие молат како просјаци за датум за почеток на преговори со Европска унија. А токму Грција, нели, требаше да им биде главниот лобист за ЕУ откако ќе го потпишат тоа што нормални луѓе ни под дејство на тешки психотропни супстанци не би го потпишале.
„Северна“, очигледно, толку им прирасна на срце на Северџаниве што почнаа и на торти да ја пишуваат, па ќе се мислеле за таму некоја си туристичка кампања. Како тргнале, и на пописот ќе бараат посебна графа за себе, за конечно да се диференцираат од небањатите што запнале Македонија, па Македонија. Толку кинисаа (заедно) напред што на Македонците ќе им требаат светлосни години за да ги стигнат.
Можеби така е и најдобро, имајќи ги предвид евидентно непомирливите разлики меѓу едните и другите. Македонија на Македонците, Северна на Северџаните. И волкот сит, и овците на број. До следното делење карти во (северно)македонската крчма во која ни Чом не би го нашол прекинувачот за да го вклучи светлото.






