Амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние вели дека минатата недела имало зачестени контакти меѓу Франција и Македонија, односно консултации кои се одржувале во претседателството на Франција, францускиот Секретаријат за европски прашања, Францускиот сенат и во француското Собрание.



“Можам да кажам дека во моментов сме во интензивни дискусии меѓу двете земји. За годината што измина имаме навистина позитивен биланс, особено во постигнувањето и потпишувањето на Преспанскиот договор и постигнатиот Договор за добрососедство со Бугарија“, вели амбасадорот како што пренесе МИА.

Тој рече дека не може да се прецизира кога Македонија ќе добие датум за почнување преговори со ЕУ.

„Ние Ве придружуваме на тој пат. Во моментот не можам да ви дадам точен датум, но сакам да знаете дека ние сме со Вас. Европското знаменце е со ѕвезди и знаете дека тие се убаво распоредени и благо наклонети, за до крајот на годината да се добијат позитивни одговори на сето она што вие го очекувате. Во моментов државите-членки разговараат меѓу себе и будно следат се она што се случува во Македонија.

 А во таа област сакам да ја истакнам особено француско-германската соработка, но и развојот на состојбата во целиот регион во рамки на стратегијата што ја објави нашиот претседател на државата. рече Тимоние пред отворањето на меѓународната конференција „Од партнерство до членство:  Македонија и француско-германската перспектива” во организација на Европското движење и Фондацијата Конрад Аденауер.