Неверојатна и тажна приказна на новинарот Бранко Героски за тоа како еден мал хотелиер бил притиснат да „поддржи“ еден познат медиум, но поради сплет на околности човекот сепак се спасил од рекетарската багра (на кои Героски им ги даде имињата Мики, Кики и Коки), предизвика бурни реакции во јавноста.
„По првичните успеси во обидите некои наши бизнисмени и парајлии со уцени да се принудат да го поддржат медумот на газда Коки, во име на заедничката „кауза“, нели, која ја претставува партискиот функционер Кики (има тука уште еден функционер, чие име засега ќе го држам во тајност), групата објективно се соочува со криза. Нема многу луѓе спремни да разговараат со човек кој „не разговара за сума помала од двесте илјада евра“, или, како што често велел на маса, за помали суми се разговарало со неговата „асистентка“,пишува Героски во новата колумна за „Плусинфо“.
Затоа, пишува Героски, но и поради тоа што „рекетот изгледа не бил лесен занает и не било лесно да се најдат муштерии“, рекетарската група решава да се сврти кон сигурни извори на пари. Кон општините. Кон „нашите“ општини, нормално.
„Набрзина е смислен проект за изградба на некакви објекти од областа на социјалните грижи (ќе се воздржам од откривање на детаљи за проектот). И веднаш е таргетирана една поголема општина, во близина на наш туристички центар, во која на власт е „наш“ градоначалник (или градоначалничка, да не дискриминираме сега по полова основа) и што е најважно, општина во која газда над газдите е и еден од главните спонзори на медиумот.
Градоначалникот или градоначалничката – ај нека биде од женски род, ќе ја наречеме Трајанка, бидејќи и градоначалниците често ја имаат таа неблагодарна улога да трпат и да траат – ја прима екипава. Трајанка сака да слушне за што станува збор и како таа може да поддржи еден убав проект од областа на социјалните грижи.
И добро, како може општината да помогне за овој проект? – прашува Трајанка.
-Паааа… Бидејќи станува збор за интерес и на општината, пожелно би било да се додели една бесплатна локација, со одобрение за градба и сѐ друго што е потребно – вели Кики и трепка нервозно со очињата, бидејќи му е непријатно, од причина што и самиот потекнува од истиот град. И уште нешто. Општината треба да нѐ ослободи од плаќање комуналии и од сите други давачки!
Трајанка брзо пресметува во главата и им вели на рекетариве:Па добро, луѓе, дали сфаќате дека вие од мене практично барате еден милион евра општински пари?! И тоа во време кога општината е задолжена до гуша…
На помош се уфрла Кики: Видете, почитувана, вам ви е јасно дека овде станува збор и за општински интерес. Ако е потребно, еве, ќе му се јавиме и на шефот…
Трајанка одлучно го прекинува разговорот и на рекетарите им вели:
– Вие можете да се јавите на кого сакате, а проектот можете и во Струмица да го направите. Не тука и не со мене!“…
Целата колумна на следниот ЛИНК





