Партијата Независни Грци (АНЕЛ) на поранешниот грчки вицепремиер и министер за одбрана Панос Каменос нема да учествува на претстојните парламентарни избори кај јужниот сосед.
„Го слушнав гласот на Грците“, ја објасни одлуката Каменос, мислејќи на очајните 0,8 проценти освоени гласови на неодамнешните избори за Европски парламент во неговата земја.
На последните парламентарни избори во 2015 година, пак, АНЕЛ освои 3,7 отсто од гласовите и до средината на јануари годинава беше коалициски партнер во Владата на СИРИЗА предводена од Алексис Ципрас, напуштајќи ја непосредно пред изгласувањето на Преспански договор во грчкиот Парламент.
Предвремените избори во Грција по поразот на СИРИЗА на европските избори со повеќе од девет проценти во однос на Нова демократија се закажани за 7 јули.





