Скопје барало одвојување од Тирана за датумот за ЕУ, обидот спречен во Берлин

Дипломатски извори во регионот тврдат дека Македонската влада сама побарала да биде третирана посебно од Албанија, односно Европската унија да ги разгледува посебно досиеата на двете земји во контекст на датумот за преговори.



Изворите кои што инсистираат на анонимност велат дека со тоа владата во Скопје направила опасен преседан со кој може да добие сериозни критики во Тирана без разлика дали ќе успее сама да добие датум за преговори со ЕУ.

Тирана може да се разочара затоа што повеќе од една година двете земји блиску се координирале за сите чекори чија крајна цел била датум за преговори и за Тирана и за Скопје.

Владата во Скопје овој потег го направила по консултации со членки на ЕУ кои веќе знаеле дека Тирана нема никакви шанси за датум а одлуката за самостојна битка за преговори Заев и неговиот дипломатски тим ја донесле без да се консултираат со владата во Тирана како партнер во процесот со кој до мај биле споделувани сите чекори.

Македонската влада со овој чекор ризикува да и се случи хаос и со коалиционниот партнер ДУИ од каде доаѓа вицепремиерот за интеграции Бујар Османи за кој не е целосно јасно дали учествувал во барањето за самостојна битка за датум без Албанија, велат дипломатските извори за кои е извесно одложувањето на датумот најмалку до есеноска кога тоа повторно ќе биде ставено на расправа во Брисел и Берлин.

Обидот да се добие датум без Албанија пропаднал, се тврди, откако германските социјалдемократи одбиле секаква можност Македонија сама без Албанија да продолжи напред со евроинтеграциите.

За разлика од дисонантните тонови во Берлин, официјален Париз немал проблем со раздвојување на Македонија и Албанија, тврдат дипломатите кои одлично ги познаваат состојбите во регионот.