Црвенкоска: Би сакала да сум прв тренер на машкиот тим на Вардар!

Билјана Црвенкоска, помошничка на вардаровиот тренер Роберто Парондо, е горда што стана првата жена на клупата на машки тим што ја освоил ракометната Лига на шампиони.



„Сметам дека тоа, на крајот на краиштата, не е ни важно. Бидејќи Вардар е семејство, во кое не е важно дали станува збор за маж или за жена. Едноставно, исто е“, изјави поранешната репрезентативка на Македонија во интервју за вебстраницата на Европска ракометна федерација (ЕХФ).

Некогашниот среден бек на поранешниот европски првак Кометал Ѓорче Петров, која на 9 јуни ќе наполни 36 години, не ја крие својата амбиција еден ден и да ја предводи машката екипа на Вардар.

„Се разбира дека се гледам себеси како главен тренер, ако ми се укаже таква можност. Сакам предизвици во мојот живот, а да се биде тренер на тим во Лига на шампиони е многу голем предизвик, па би сакала да го прифатам. Научив многу од Роберто, сега знам каков треба да биде тим во ЛШ, па ‘да’, зошто да не?“, одговори таа.