Иако на почетокот на сезоната беше отпишан од сите РК Вардар е новиот европски првак.
Македонскиот првак го повтори успехот од 2017 година и по втор пат е на тронот на ракометна Европа.
Во финалето, во арената во Келн, „црвено-црните“ по голема борба го победија фаворитот Веспрем со 27:24.
Вардар поведе на почетокот а потоа Веспрем стигна до првото и засега единствено водство од 2:1.
Потоа Вардар водеше до крајот.
„Црвено-црните“ дадоа два гола во низа за 3:2 и до полувремето не ја испуштија предноста.
За прв пат Вардар дојде на три гола предност во 14 минута кога беше 8:5, а пет минути подоцна македонскиот првак стигна и до 11:7.
До овој период, Мораеш даде четири гола, а вкупно седуммина вардарци се запишаа во листата на стрелци.
И по 23 минути беше 13:10, а потоа Вардар со серија од 3:0 стигна до највисоки шест разлика (16:10) во 28 минута.
Освен играчите на теренот, блескаат и навивачите на трибините во арената во Келн.
Вториот дел започна со гол на Вардар (17:11), но потоа следи серија на Веспрем од 5:0 до 17:16 во 40 минута. Тренерот Парондо побара тајм-аут, а потоа постот од 9 минути без гол на Вардар, го прекина Мораеш со погодок во 41 минута, а потоа погоди и Карачиќ за 19:16. На 15 минути до крај, Вардар имаше предност од 20:18.
Веспрем повторно стигна на еден гол (20:19) и беше јасно дека ќе има драматична завршница. За 20 минути во вториот дел Вардар имаше дадено само шест гола, но и тоа беше доволно за во последните 10 минути да има предност од два гола (22:20). Потоа Криштопанс погоди за 23:20 за Вардар, на само осум минути до крајот.
Во последните пет минути се влезе со предност на Вардар од 24:23, а потоа погоди Криштопанс, а голманот Дејан Милосавлјев на спротивната страна ја забележа седмата одбрана.Чупиќ погоди за 26:23 на помалку од две минути до крај.




