Србија ќе го легализира правото на достоинствена смрт, кое, со строго пропишани услови, би го имале заболените од тешки неизлечиви болести, пренесуваат српските медиуми. 

Според Миодраг Орлиќ, кој е на чело на комисијата за изработка на законикот, ако законите гарантираат право на достоинствен живот на човекот, тогаш би требало да овозможат и право на достоинствен завршеток на животот. 

„Тешко и неизлечиво болните би имале можност да одлучат за престанок на агонијата и состојбата која е тешко поднослива и предизвикува само маки и сожалување. Комисијата е подготвена да преземе одговорност за ваквиот предлог и очекува дека во јавната расправа ќе има сериозни и силни аргументи за и против евтаназијата“ – вели Орлиќ. 

За легализација на евтаназијата во Србија првпат јавно ќе се расправа следната недела.

Во Европа тоа право на „смрт од милосрдие“ е легализирано во Швајцарија, Белгија, Луксембург и во Холандија. Франција кон крајот на 2015 година донесе посебен закон за седација на смртно болните лица. Во Словенија, пак, е покренато потпишување на посебна петиција за воведување на ова право во правниот систем. 

Во поголем број држави во САД и во Австралија ова право се применува со години. Канада ја одобри евтаназијата во 2015.



Извор: Факултети