Холандскиот аналитичар, експерт за Балканот и директор на БИП, Ханс ван ден Берг, му се жали на Никола Димитров дека абер нема од доматите што северномакедонскиот министер за надворешни работи ги вети уште лани за поддржувачите на почетокот на преговори со Европска унија.
„Го поддржувам македонскиот влез во ЕУ/евроатлантските структури уште од независноста на Македонија (и оттогаш се залагам за тоа). И додека министерот Димитров е свесен за тоа и ја има мојата приватна адреса, македонските домати никогаш не пристигнаа. Можеби годинава или следната година?“, иронизира Ван ден Берг на Твитер по најновата препорака од Европска комисија за старт на преговори со Македонија.
Твитот на Ван ден Берг е одговор на тој на Димитров од 24 јуни 2018 година: „Највкусниот домат во светот! Кој и да го поддржува стартот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ следната недела, ветуваме дека ќе му испратиме по пошта пакување свежи македонски домати :)“.






