Премиерот Зоран Заев денеска од собраниската говорница стана првиот светски политичар што јавно признал дека плаќа лобист за да влијае на политичари и влада на странска држава, во случајов на еден од најмоќните европски лидери Емануел Макрон и владата во Париз.
Со тоа премиерот стана дел од дипломатски скандал и истовремено институционално ги понижи официјалните македонските дипломати во Париз, Франција.
Заев своето јавно признание дека плаќа лобист да влијае на позициите на кабинетот на Макрон и француската влада за Македонија го даде на прашање на пратеникот Антонио Милошоски во врска со платите на двајца негови советници Александар Ружин и Љупчо Зафировски.
За Зафировски Заев рече дека до денеска не знаел дека тој прима 75000 денари месечен надомест кој бил висок затоа што овој советник поголемиот дел од времето го поминува во Франција.
“Тој има врски во дипломатскиот дел до кабинетот на Макрон и со Владата во Франција, која има малку инфо за она што се случува тука. Некогаш се потребни повеќе информации за да го привлечеме кабинетот на Макрон на наша страна. Знаете дека Франција, Холандија и Данска беа со резерва за проширувањето на ЕУ кој Македонија. Неговиот ангажман е поголем затоа што поголем дел поминува во Франција, трошоците таму се поголеми и законот го дозволува тоа. Затоа таа определена сума”, изјави Заев признавајќи дека тој гради паралелни дипломатски структури во Франција.
Со тоа Заев практично призна дека парите за Зафировски не се за совети за него туку за политичко влијание врз моќната француска држава.
Македонската влада пред нецела година преку МНР во Париз ја испрати амбасадорката Јадранка Чаушевска Димова со истата цел, да ја претставува Македонија и да ги запознае француската влада и кабинетот на Макрон со состојбите во земјава.
Испраќање на советник на Заев во Париз кој треба да ја врши работата на амбасадорката Чаушевска е директна навреда за неа но и за министерот Никола Димитров кој ја испратил.
Со Зафировски премиерот покажува дека нема доверба во изборот на амбасадорката и МНР.
Со тоа се отвора дилемата зошто Заев наместо Чаушевска-Димова во Париз не го испратил Зафировски како амбасадор или дипломат.
Зафировски кај француските власти не е пријавен како формален дипломатски претставник кој има цел да лобира во име на Македонија.




