Министерството за надворешни работи на Русија оцени дека акцијата на косовската полиција на северот на земјата е „провокација од Приштина“, додавајќи дека тоа е директна последица на повеќегодишната попустливост на ЕУ и САД кон администрацијата во Приштина.
Од Москва ги повикуваат меѓународните покровители во Приштина да преземат мерки против косовско-албанските радикални елементи и да спречат понатамошна ескалација на конфликтот.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во денешното обраќање во собранието укажа на можноста Приштина да се обиде да воспостави албанска граница на Копаоник.
Тој потсети на зборовите на претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој вчера ја повика Албанија на обединување, толкувајќи ги како идеја албанската граница кон Србија да се постави на планината Копаоник.
„Границата на голема Албанија може во следните неколку часови да ни се појави на Копаоник, благодарение на Србите кои помагаа во тоа, но мојот одговор до нив е – нема да има таква граница на Копаоник“, порача Вучиќ.
Тој додаде дека сите полициски и посебни единици веќе се во борбена готовност и оти ќе реагираат ако се добијат сознанија дека на Србите во Косово им треба заштита.





