Украдени рефлектори од фонтаните кои се дел од проектот “Скопје 2014“ е причината зошто досега не биле пуштени во употреба, изјавија од ЈП „Водовод“ за порталот СакамДаКажам.
Директорот Душко Весковски вели дека кражбата не влијае на работата на фонтаните и тие досега не беа пуштени поради најавите за невреме и силен ветер.
„Пред да почнеме со подготовките на фонтаните беше забележано дека рефлекторите се украдени. Штетата е околу 60.000 евра“, вели Весковски.
Деновиве „Економски Лидер“ објави дека на 5 дена пред посетата на Папата Франциско на Скопје, вработени од „ЈП Водовод“ констатирале дека поголем дел од пумпите, светилките и механизацијата под фонтаната на „Александар Велики” се украдени и дека штетата е околу 200.000 евра.
Ќе бидат набавени нови рефлектори, а веќе утре ќе биде пуштена фонтаната на Плоштадот Филип Втори, а кон средината на неделата и онаа на Плоштад Македонија“.
За одржувањето на фонтаните ЈП“Водовод” ќе ангажира приватна фирма бидејќи досега ниту ги одржувале, ниту работеле на нивна изведба, дознава СакамдаКажам.





