Македонскиот Национален Совет со своја реакција по повод жестоките напади кон македонската дијаспора.
МНС очекува продолжување на нападите врз дијаспората од страна на власта иако таа владее откако предходно тврдеше дека е загрижена за иселениците.
Очекувањата за нови напади се темелат на отпорот кој дијаспората го дава на македонските власти кои според МНС водат предавнички политики.
“Деновиве за жал сме сведоци на оркестрирани напади од страна на претставници на власта кон македонската дијаспора. За овие напади како параван се користи бојкотот од страна на Македонците во странство кон настапот на претставничката на Северна, држава која тие не ја чувствуваат како своја. Македонскиот Национален Совет е на мислење дека зад овие напади всушност се крие бесот и гневот кон македонската дијаспора како еден од чуварите на македонскиот идентитет, кој власта не може да го урне.
Како предводници на овој напад се покажаа Снежана Лупевска Созен, уредник во Телевизија Телма и Ѓорѓи Галетановски, истакнат член на СДСМ, шеф на изборниот штаб на Пендаровски и директор на Зоолошката градина – Скопје. Покрај тоа што Македонците се нарекуваат “гнаси”, се бара и одземање на нивното македонско државјанство и забрана за влез во Македонија.
МНС со индигнација го отфрла дрскиот и гневен напад кон Македонците во странство од страна на овие лица и очекува нивно јавно извинување за ширењето омраза кон македонската дијаспора! МНС ги повикува македонските институции да го испитаат овој говор на омраза и соодветно да делуваат. МНС потсетува дека македонската дијаспора е нераскинлив дел од македонскиот народ, а Македонците во Македонија треба да бидат горди на своите браќа и сестри во странство и заради помошта која што ја праќаат во Македонија и заради проморивањето на Македонија и македонскиот народ низ светот.
МНС исто така сака да потсети дека СДСМ како опозициска партија, во 2016та година во сите свои настапи против тогашната власт го користеше фактот за огромна бројка на иселени лица, правеше перформанси со чевли пред зградата на Владата на Република Македонија, покажувајќи наводна загриженост за иселеништвото, за денес преку свои истакнати членови да врши вакви напади кон своите сонародници во странство само затоа што тие делат поинакво мислење и политички погледи некомпатибилни со вештачката државна творба наречена Северна.
Македонскиот Национален Совет е на мислење дека ништо од ова не е случајност и се очекуваат уште позасилени напади кон Македонците надвор од Македонија заради чистата линија на отпор кон предавничките политики на оваа власт”, пишува во реакцијата на МСН.
Македонскиот Национален Совет е формиран од страна на успешни Македонци во светот кои што сметаат дека можат да помогнаг во демократизацијата на Македонија и се залагаат за посилни врски меѓу матичната држава и дијаспората.




